Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски, не го криеше разочарувањето по ремито на домашен терен со Шкупи, на првиот осминафинален дуел од Купот на Македонија. Иако по првите 45 минути беше во негатива, Вардар во вториот дел заигра подобро, постигна израмнувачки погодок, но немаше сили за целосен пресврт.
„Секогаш во Купот постојат изненадувања, и на такво нешто ги предупредив играчите дека не треба да се опуштиме. Првото полувреме не го почнавме како што замислувавме, иако бевме добро поставени, но немавме пресинг и противникот ни доаѓаше во ситуација да се заканува од противнапади. Од една ситуација кога тие изведоа аут, примивме гол. Во вториот дел, направивме измени и одигравме многу подобро. Постигнавме гол од каде што се надевавме и потоа пропуштивме шанси да го добиеме натпреварот. На крајот, кога ќе ставиш сѐ на една карта на победа, нормално е противникот да се заканува од противнапади. При една таква шанса, Шкупи можеше да постигне уште еден гол во финишот. Можам да бидам задоволен од пристапот во вториот дел, но знам дека од шанси не се живее, туку треба да се даде гол“, вели Јаневски.
Искусниот стратег очекува слично издание на противникот и на реваншот на стадионот во Чаир, но и посочува дека неговите избраници ќе мора да одиграат на повисоко ниво за да се пласираат во следната фаза, каде би ги очекувал големиот ривал Шкендија.
„Има уште еден натпревар, уште 90 минути, ама се покажа дека на вториот натпревар ќе мора да дадеме повеќе од она што го дадовме денеска за да стигнеме до следното фаза од Купот. Не верувам дека ќе се менува многу во играта и на противничкиот и на нашиот тим. Треба да одиграме поагресивно и поактивно кога имаме посед на топката, да ја пренесуваме брзо топката во нивната половина, да бидеме доволно фудбалери во шеснаесетникот по тие нафрлени топки, и да играме што е можно побрзо“ – истакнува шефот на стручниот штаб на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА