ДАРКО ПАНЧЕВ – МУНДИЈАЛСКИ КОМЕНТАТОР НА ЕКИПА.МК: Интересно – ВАР-системот греши само контра „помалите“, Португалија испадна поради товарот наречен Роналдо!

Најголемата македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев, за читателите на ЕКИПА.МК, ги коментира комплетните настани на најголемиот светски спортски собир – фудбалскиот Мундијал 2026!

Резултатите од осминафиналните средби, се повеќе или помалку очекувани. Ниту елиминацијата на Бразил од Норвешка, ако детално се анализираат настапите на двете селекции низ групната фаза на ова првенство, не е некое изненадување. Тоа секако е изненадување во фудбалска смисла, но за оние кои добро го следеа овој Мундијал од самиот почеток е сосема јасна и, можеби, очекувана елиминацијата на Бразил кој не играше апсолутно ништо на првенството.

Сега „кариоките“ наидоа и на еден „тврд орев“ како Норвешка, максимално компактна екипа, која нема некој раскошен квалитет, но играат дисциплинирано и со врвен гол-играч како Халанд кој искористи две убави можности, и во голгетерски стил ги реши Бразилците.

Никој не треба да е егоист, Португалија е елиминирана поради товарот наречен Роналдо

И елиминацијата на Португалија не е неочекувана, затоа што Шпанија игра подобар фудбал, па и пред мечот беше фаворит. Португалија разочара, затоа што имаат навистина извонредни фудбалери, посебно во средниот ред, но веројатно товарот кој го носат и играчите и селекторот кога е Кристијано Роналдо во прашање, си го направи своето. Повторно ќе кажам, секој поединец треба сам да знае колку и во кој момент е лимитот на неговите можности. Никој не треба да биде егоист ставајќи се себе си пред колективот. Секој знае дека на 40 години не може да одговори на терен еднакво на она од пред 10-15 години. Тоа е голема грешка пред се на селекторот, но претпоставувам дека сето тоа е под притисок и на самиот Роналдо, како и на целокупниот маркетинг договор кој го влече Роналдо. Па, на крај трпи фудбалот и успехот на националниот тим.

Веројатно најдобро ќе беше самиот Роналдо, во договор со селекторот, да ја демонстрира својата големина и сам да побара да биде ставен во функција на тимот само со соодветна минутажа во финишот на натпреварите. Па, кога сето тоа ќе се земе во предвид, некако и се очекуваше елиминацијата на Португалија, посебно што и со Хрватска имаа премногу среќа, а поништениот гол во последните секунди на „коцкестите“ ги спаси Португалците.

Факт е дека ВАР не може да е безгрешен, но интересно како греши само контра „помалите“

Што се однесува до ВАР-системот, факт е дека има грешки… Но, интересно е тоа што кога и се прават грешки од ВАР-собата, се прават единствено на штета на, условно кажано, помалите селекции.

И, сега, прашањето е дали е тоа случајно!? Со право светот констатира дека секогаш се форсираат посилните репрезентации, поатрактивните со повеќе ѕвезди во своите редови…, а сето тоа заради навивачи, и заради ТВ-права, и заради спонзорите и заради се она што е околу фудбалот, а не е фудбал – парите! Но, фудбалот денеска е убедливо најголемиот бизнис во светот, и само заради парите на крај, сите ние очигледно ќе мора да се помириме – дека мора да биде така! Или не!?

Фото: fpf.pt

Повеќе од конкретен пример за тоа е поништениот гол на Хрватска против Португалија. Да го нема тој ВАР-систем и таа соба од која се диктира епилогот, судија никогаш не би покажал офсајд-позиција при тој гол на Хрватска. Па, во денешно време каде се е компјутеризирано, на крај епилогот е тој што е. Дали некој сака да фаворизира, ете да не биде дека јас сум тој кој суди, нека одлучи секој љубител на фудбалот сам за себе!

Слична е ситуацијата и со Египет, за кои остана впечаток дека беа оштетени во одредени ситуации. Но, мора да се признае, дека и самите се виновни за крајниот резултат, бидејќи за десеттина минути дозволија Аргентинците преку силен атак да дојдат до пресврт, и ми се чини заслужен пласман понатаму. Интересно е што на последните две светски првенства, дали е тоа случајно или не, но факт е дека патот на Аргентина до полуфинале, според ждребот, е далеку полесен во однос на другите фаворити за титулата.

Во полуфиналето очекувам: Франција – Шпанија и Англија – Аргентина!

Дерби на четвртфиналето ќе биде, според мене, Франција и Мароко. Франција е без сомнение фаворит, но Мароко покажа дека има еден вистински компактен тим со одлични поединци кој може секого да изненади. Не знаеме каква е точно состојбата со повредените првотимци кај Мароко. Ако успеат да ги рекуперираат, патот на Франција до полуфинале ќе биде отежнат. Ако не играат четворицата првотимци за кои има најави за повреди, тоа ќе биде олеснителна околност за Французите.

Околу мечот Шпанија – Белгија, мислам дека Белгијците влегуваат во посакуваната форма, одлично одигрувајќи против САД. Тоа е добар знак за добар фудбал. На Шпанците нема да им биде едноставно да дојдат до најдобрите четири, затоа што напред имаат проблем, играјќи без класичен напаѓач, но досега покажаа дека одлично се снаоѓаат со комбинирана цврста одбрана.

Интересен дуел ќе биде и оној меѓу Англија и Норвешка. Островјаните се во мала предност, пред се поради одличните поединци кои играат во најсилната светска лига, но Норвешка и тоа како може да ги изненади!

Аргентина, како што кажав, досега немаше некој екстра силен противник на патот до четвртфиналето. Повторно сега против себе има противник од едно пониско фудбалско ниво од своето, но Швајцарците знаат да бидат максимално незгодни, цврста екипа која тешко прима голови. Мислам дека Швајцарија е поквалитетен тим од Египет, и тоа ни дава право да верувам дека ќе биде неизвесен натпревар.

Лично мислам дека полуфиналињата на СП 2026 ќе бидат: Франција – Шпанија и Англија – Аргентина!

Се вчитува...