Шефот на стручниот штаб на Вардар Чедомир Јаневски, во својот прв натпревар во Првата лига на Македонија како тренер на најтрофејниот македонски клуб стигна до трите бода во дуелот со Победа.
Јаневски секако е задоволен од убедливата победа од 4-0 која доаѓа пред заминувањето во Истанбул и историската пресметка со Фенербахче во Лигата на Европа…
„Пред мечот им реков на моите играчи дека влегуваме во сосема поинаков натпревар и дека треба да заборавиме она што не очекува во Лигата на Европа. Мораше да се остане фокусиран кон она што е нашата приоритетна цел, а тоа е освојување на шампионската титула во домашниот шампионат. Реков дека ќе биде доста различен меч од оној што го одигравме во четврток. Моравме да бидеме концентрирани од почетокот до крајот на средбата за да ги освоиме трите бода. Играчите ги исполнија сите задачи кои ги работевме во овој краток период колку што сум во Вардар. Видов подобрување за разлика од последниот натпревар со Фенербахче, иако денеска игравме против сосема друг противник. Задоволен сум од прикажаното со оглед дека постигнавме четири гола, а не примивме ниту еден. Тоа не е лесно под вакви услови. Сега треба да останеме мирни, и да внимаваме како ќе се одмориме и како ќе се подготвиме за следниот натпревар кој што следува, тоа е мечот со Фенербахче во Лигата на Европа“ – изјави Јаневски за официјалната интернет страница на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА