Јаник Синер на колена пред Бублик

Казахстанскиот тенисер Александар Бублик го победи Јаник Синер во осминафиналето на турнирот во Хале.

Бублик го шокираше Синер со победа по пресврт, по околу два часа игра, со 3-6, 6-3, 6-4.

Казахстанецот со руско потекло на тој начин му се одмазди на Италијанецот за неодамнешниот пораз во четвртфиналето на Ролан Гарос, а воедно ја забележа и втората победа против него во кариерата, по онаа пред две години кога Синер мораше да се предаде во вториот сет.

Не изгледаше дека ситуацијата ќе стане премногу комплицирана за Синер во овој натпревар, бидејќи го доби првиот сет со 6-3 со само четири загубени поени во своите пет сервис гема.

Мирисаше на брзи 2-0 во сетови, но Бублик спаси четири брејк топки во своите први два сервис гема од вториот сет, а потоа му го одзеде сервисот на својот ривал. Ја спаси предноста што ја стекна, го однесе натпреварот во третиот сет и тогаш сè беше отворено.

Брејк топките станаа почести, Синер ја изгуби концентрацијата, а Бублик го искористи тоа и поведе со 4-3 во последниот сет.

Тој имаше два сервиса за да го заврши натпреварот и успеа да остане смирен во двата. Казахстанецот направи големо изненадување и се пласираше во четвртфиналето во Хале, каде што ќе се соочи со Томас Махач.

Во четвртфиналет во Хале се пласираше, пак, Александар Зверев кој со 2-1 (3-6, 6-4, 7-6) го победи Италијанецот Сонего.

Се вчитува...