Јанц: Беше чудно, се подготвувавме за Македонија со Лазаров, а него го немаше на теренот

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Словенија влезе како голем фаворит во дуелот со Македонија, но Љубомир Врањеш на клупата и неговите избраници на теренот добро се испотија за да се израдуваат на стартен триумф на овој европски шампионат.

Подмладениот македонски состав, без Кире Лазаров на теренот, им создаде огромни проблеми на словенечките ракометари, кои само благодарение на поголемото искуство и ладните глави во клучните моменти стигнаа до победата.

„Ова беше одличен меч на Македонија, ни ја отежнаа работата максимално. Покажавме нервоза, но и дека сме добар тим. Зборуваме за балканско дерби, знаевме дека ќе биде тешко. Севкупно, задоволен сум од освоените бодови, ова беше прв меч, моите играчи покажаа енергија, се бореа, ни недостигаше само ефикасност пред голот на противникот. Им посакувам на Македонците многу среќа на следните натпревари, а ние ќе се обидеме да бидеме уште подобри во второто коло“, изјави Врањеш.

Блаж Јанц, кој постигна три гола во овој триумф, беше задоволен од конечниот исход.

„Не игравме најдобро, но првите средби секогаш се најтешки на големите натпреварувања. Сепак, најважно е што ги освоивме бодовите. Ни беше чудно бидејќи подготвувавме тактика за Лазаров, а него го немаше теренот. Македонија има нови играчи, а Лазаров како селектор покажа дека може да помогне оваа репрезентација да игра добар ракомет во иднина“, изјави Јанц.

Се вчитува...