Јапонија без две „ѕвезди“ на СП 2026

Јапонскиот селектор Хајиме Моријасу го објави списокот од 26 фудбалери кои ќе настапат за „самураите“ на претстојниот мундијал, но оваа азиска селекција ќе биде сериозно ослабена поради неиграњето на двајца клучни фудбалери во нападот.

Каору Митома беше најавуван како прва опција на лево крило, но асот на Брајтон се повреди на дуелот со Вулверхемптон, го очекува пауза од два месеци, поради што нема да може да настапи на мундијалот. На списокот на селекторот го нема ниту Такуми Минамино, голгетерот на Монако кој пред неколку месеци ги скина лигаментите во коленото и беше јасно дека нема да биде „фит“ за настап летово.

Добра вест е што капитенот Ватару Ендо доби зелено светло да почне со тренинзи, па фудбалерот на Ливерпул ќе може да настапи на овој мундијал.

Селекторот реши да го вклучи и поранешниот фудбалер на Арсенал, десниот бек Томијасу, кој по две години ќе се врати во националниот тим, а на списокот на Моријасу се најде и 39-годишниот лев бек Јуто Нагатомо.

Јапонија во премиерниот меч од СП 2026 на 14 јуни ќе се сретне со Холандија во Далас, по што ќе следат и пресметки со Тунис и со Шведска во групната фаза од мундијалот.

Се вчитува...