Берат Јашари триумфираше на третиот турнир од предвидените четири за државното првенство на Македонија и со тоа стекна недостижна предност на табелата, резервирајќи ја петтата титула во низа.
Натпреварувачкиот викенд започна со изненадување, каде што младинскиот шампион Теодор Величковски извојува изненадувачка победа над Јашари во групната фаза, по што Берат мораше да игра многу пофокусирано и да ја елиминира можноста за уште една грешка. Со не многу сигурна игра, стигна до полуфиналето каде имаше голем отпор од мотивираниот Лукревски, но кога веќе се избори за финалето, влезе во ритам и со 4:1 славеше против Владо Матоски. Берат имаше и малку спортска среќа во одлучувачката фрејм топка на стартот од мечот, но Матоски продолжи достоинствено и успеа да победи во четвртиот фрејм, со што ја врати неизвесноста. Сепак, веднаш потоа квалитетот на неговата игра опадна поради заморот, па не успеа да направи уште едно изненадување како во полуфиналето, кога со 3:1 славеше на второрангираниот Панов.
Овој турнир за Јашари беше дел од подготовките за Европското првенство во снукер, каде што шампионот на Македонија ќе настапи во дисциплината „6 црвени“. Најдобрите европски играчи ќе имаат мегдан од 6 до 19 октомври во Голем, Албанија, а дисциплината во која ќе настапи Јашари се игра на 13 октомври.
Снукер федерацијата на Македонија до крајот на месец октомври ќе го организира и националниот турнир во дисциплината „6 црвени“, а потоа ќе следува и младинското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

