Шарунас Јасикевичиус не го криеше разочарувањето по изненадувачкиот пораз на Барселона од Реал Мадрид во полуфиналето од фајналфор турнирот од Евролигата.
Барса имаше пет победи во низа во меѓусебните дуели со „кралевите“, по првото полувреме водеше со 11 поени разлика, но и тоа не беше доволно за избраниците на Јасикевичиус да стигнат до билет за финалето.
„Честитки до Реал Мадрид, од наша страна недостигаше внимание за деталите, многу работи направивме погрешно во ова полуфинале. Тешко е да се разбере ваков пораз кога се води со 11 поени на полувреме, но јас и тогаш на кошаркарите им реков дека не играме добро, не ми се допаѓаше она што го гледав. Реал промашуваше многу во тоа прво полувреме, на крајот почна да погодува и се врати. Ако сакате да играте финале во Евролигата, не смеете да дозволите да примите 52 поени во второто полувреме. Недостигаше многу жртва и професионализам, ова навистина боли, подобар тим сме, но нема да играме во финалето“, изјави Јасикевичиус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА