Јетон Беќири: Трофејот ни носи огромно задоволство, се надевам нема пак да чекаме четири години за нова титула!

Шкендија со вчерашниот триумф над Работнички (2-1) во Тетово, ја осигура својата јубилејна петта титула во македонскиот шампионат.

Демонстрирајќи константност во текот на целата сезона, Шкендија сосема заслужено дојде до титулата која ја носи ова лето и во квалификациите од Лигата на европските шампиони. Сосема очекувано, пресреќен по вчерашниот натпревар и Јетон Беќири, за кого ова е прв шампионски трофеј како тренер во кариерата.

„Навистина сум пресреќен, со некое олеснување по тешките денови и натпревари сезонава. Оваа пролет имавме сериозна битка со многу квалитетни ривали, но силно ја посакувавме титулата и успеавме. Не беше лесно, но на крајот се исплатеше борбата и стресот бидејќи е крунисан со успех“ – вели Беќири притоа осврнувајќи се и на вчерашниот натпревар со Работнички кој го донесе трофејот.

„Најважно е дека сè заврши добро за нас. Задоволен сум од одиграното против Работнички до моментот кога направивме несреќен пенал, а дотогаш имавме сигурни 2-0. Ривалот не креираше ништо до пеналот, но во фудбалот се случуваат такви нешта“.

Стратегот на Шкендија се осврна и на фактот дека ја освои првата титула во тренерската кариера.

„Тоа е огромно задоволство за мене. Шкендија е нешто посебно за сите нас, не само за мене, туку и за сите останати. Посебно е чувството да се радуваме на трофејот по многу тешка сезона. Се надевам ќе продолжиме со позитивни резултати и дека овој клуб нема повторно да чека четири години за нова шампионска круна, туку ќе доминира и еднаш на четири сезони ќе дозволува на друг клуб да биде првак“ – рече Беќири.

Се вчитува...