Јиха претпазлив: Вардар има моќна одбрана, ќе ни биде многу тешко

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Филип Јиха во својата кариера има две титули европски првак, па сега се надева дека како член на Барселона и по третпат ќе триумфира во Лигата на шампионите. Сепак, чешкиот ветеран е свесен дека пред каталонскиот гигант е исклучително тешка задача, бидејќи Вардар е тим што сезонава веќе покажал дека може да ги победува најдобрите тимови во Европа.

„За да победиш во Келн треба да одиграш два врвни натпревари за помалку од 24 часа. Сите знаат дека тоа не е нималку лесно, но моето искуство ми кажува дека не треба многу да се размислува, туку едноставно да се излезе на терен и да се одигра најдобро што се знае. Ова е тимски спорт и не е важно кој ќе даде најмногу голови, туку колективот да функционира како што треба. Вардар е многу добар тим во одбрана. Играат извонредно во дефанзива кои инсистираат на физичка игра, на контакт. Нам ќе ни биде многу тешко да одговориме на оваа нивна игра, доколку најдеме начин да ја пробиеме одбраната на Вардар ќе завршиме голем дел од работата во ова полуфинале. Знаеме дека македонскиот тим е дебитант, но исто така сме свесни дека тоа не значи ништо. Пред ждребот немав никаква желба бидејќи знаев дека трите тима се многу силни и можат да победат секого во 60 минути игра. Затоа, ќе треба да играмe најдобро што можеме и како колектив да го победиме Вардар и да се пласираме во финалето“ – истакна Јиха пред денешниот дуел со македонскиот првак.

Се вчитува...