„Јокиќ секој ден беше на бурек и кока кола, се повредуваше и при давање автограми“

Никола Јокиќ како лидер на Денвер ги освои симпатиите на неутралната американска кошаркарска јавност, откако овој тим се врати од негативи од 1-3 во првите две серии во плејофот, триумфирајќи со 4-3 во победи и над Јута и над ЛА Клиперс. Српскиот центар само потврди дека е еден од најдобрите во светот на неговата позиција, а неговиот агент Мишко Ражнатовиќ откри интересни детали од кошаркарските почетоци на Јокиќ.

„Слушнав за Јокиќ уште додека играше за Војводина. Две недели по ред имаше одлична статистика и испратив скаут да го следи. Ми се јави разочаран, бидејќи воопшто не бил спортски граден. Се распрашав и дознав дека тој секој ден јадел половина кило бурек и пиел по два литри кока кола. Кога ги смени тие навики тој веќе на 18 години не беше толку буцкаст како на оние фотографии што сега се вртат по социјалните мрежи“, открива Ражнатовиќ, кој без оглед на физичкиот изглед веднаш го препознал кошаркарскиот потенцијал на Јокиќ, вклучувајќи го во својот проект Мега Визура.

Најинтересната анегдота сепак не е поврзана со исхраната на српскиот репезентативец.

„Тој беше многу популарен меѓу децата. Еднаш се случи да потпишува автограми повеќе од вообичаено и доби воспаление на тетивата, па мораше да мирува една недела и пропушти две средби“,  обелодени кошаркарскиот супер-агент.

Се вчитува...