Јокиќ со лекција и за Голден Стејт, ЛА Лејкерс настрада во Хјустон

Денвер ја продолжи серијата импресивни партии и во дуелот со Голден Стејт, совладувајќи го големиот ривал со резултат 108/105. Очекувано, во главна улога повторно беше Никола Јокиќ, српскиот центар одигра извонреден натпревар реализирајќи 35 поени, надополнети со 13 скокови и 5 асистенции, помагајќи му на Денвер да стигне до голема победа. Реџи Џексон имаше 20 поени и 6 асистенции за Денвер, а во прилог на домаќините одеше и што Стеф Кари немаше добра шутерска вечер, реализирајќи 23 поени.

Лука Дончиќ постигна 31 поен и 8 аситенции, но и тоа беше недоволно за Далас да слави на домашен терен против Торонто. Канадскиот тим одигра извонредно во нападот во втората и третата четвртина, постигнувајќи 72 поени, трасирајќи си го патот кон победата изразена со конечни 116-127.

ЛА Лејкерс претрпе тежок пораз на гостувањето против Хјустон од 34 поени разлика (128-94). „Езерџиите“ настапија без Дејвис, што сериозно се одрази врз изданието на теренот, Леброн Џејмс постигна 18 поени, додека најефикасен во победничкиот тим беше Грин со 28 поени.

Феникс по голема борба и продолжение од пет минути славеше на гостувањето во Чикаго со 115-116, меч што го одбележа извонредното шутерско шоу на Ален, кој погоди осум тројки за вкупно 26 поени. Јусуф Нуркиќ ги постигна поените за победа на седум секунди до крајот, а босанскиот центар го заврши мечот со импресивни бројки, 20 поени, 17 скокови и 8 асистенции.

Резултати НБА:

Шарлот – Вашингтон 116-132, Индијана – Јута 134-118, Филаделфија – Бостон 106-103, Бруклин – ЛА Клиперс 100-93, Њујорк – Сан Антонио 126-105, Чикаго – Феникс 115-116 (по прод.), Хјустон – ЛА Лејкерс 128-94, Мемфис – Мајами 102-108, Милвоки – Детроит 120-118, Минесота – Њу Орлеанс 122-101, Оклахома – Кливленд 128-120, Далас – Торонто 116-127, Денвер – Голден Стејт 108-105, Сакраменто – Портланд 121-118 (по прод.)

Се вчитува...