Јончевски: Честитки до сите играчи, самите си ја завршивме работата

Селекторот Алек Јончевски не го криеше задоволството по убедливиот триумф над Норвешка со кој македонската репрезентација успеа да се пласира во главните квалификации за Евробаскет 2025.

Скорот од пет победи и еден пораз доволно говори за квалитетот на играта во овие претквалификации, за што Јончевски упати комплименти на адреса на своите кошаркари, како и до членовите на својот стручен штаб.ж

„Сакам да им упатам честитки на сите играчи кои дојдоа, кои влегоа во игра, и го дадоа својот максимум, што дадоа се од себе, играа на високо ниво без оглед на водството од 30 поени, одигравме до последна секунда. Не двоиме некој, без оглед кој колку играше, одигра баш професионално, и честитки до нив, и до целиот стручен штаб, кој имаше одличен скаутинг и за овој меч, одлучувачки во секој поглед“, изјави Јончевски.

Во претпоследниот меч од групата Словачка славеше во драматичен финиш над Данска, со што уште повеќе го зголеми притисокот врз нашите кошаркари, да мора да слават во Осло за да се задржат на првото место. Токму начинот на кој кошаркарите одговорија на тој предизвик го прави Јончевски исклучително горд.

„Морам да напоменам дека нашиот состанок пред овој меч почна додека Данска водеше со шест поени. Но, реков дека тоа нас воопшто нас не нè интересира. Дека сакаме самите да си ја завршиме работата. Сакавме да ја повториме онаа наша добраа игра против Норвешка во Гевгелија. И не, никако не бевме обесхрабрени по неуспехот пред некоја вечер во Левице. Пред се, затоа што сепак и против Словачка имавме добра игра, игравме со доста енергија во нападот, креиравме доста отворени шутеви, кои за жал не ги погодивме. Од друга страна, тие погодија доста потешки обиди за три поени, и затоа победија. Затоа пак мотивацијата на сите нас овде во Осло, беше на ниво, без оглед на тоа што притисокот дополнително се зголеми со драматичната победа на Словачка во Данска. Секако, одговоривме на поставените задачи, посебно во одбрана, би се рекло, и скоро идентично, повторено издание како пред некој месец во Гевгелија. Одигравме одлично денеска, практично од првата топка, отворивме одлично и потоа полека, како поминуваше времето, само ја зголемувавме не само разликата, туку многу повеќе ја билдавме самодвербата, а со тоа полесно го донесовме натпреварот до самиот крај“, истакна селекторот на Македонија.

Се вчитува...