Јончевски: Естонија воопшто не е наивна репрезентација, дуелот во Скопје ќе одлучи за пласман на Евробаскетот

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација денеска во СРЦ „Кале“ ги започна подготовките за престојните квалификациите за Евробаскетот кој ќе се одржи во 2025 година.

„Црвено-жолтите“ квалификациите ги започнуваат на домашно тло со натпревар против Естонија кој е закажан за 23. февруари, а три дена подоцна ги очекува и средбата против Полска.

Селекторот Александар Јончевски на престојниот дуел против Естонците гледа на дуел кој ќе ја одлучи иднината на Македонија за прекин на десетгодишната пауза и конечен настап на собирот на најдобрите европски репрезентации.

„Четири екипи од кои само една нема да оди понатаму. Ако направиме математика дека Полска како домаќин сигурно оди понатаму, а дека Литванија децении нема пропуштено Европско првенство шансата ни преостанува со Естонија. Првиот натпревар е на домашен терен и тој е најбитниот натпревар без разлика на циклусот кој трае цела година. Овој натпревар ќе реши многу работи за понатамошниот настап“, вели Јончевски.

Естонците во Скопје доаѓаат со голем број на интернационалци кои настапуваат во најсилните европски кошаркарски првенства, а двајца од нив и во Евролигата.

„Без разлика што и да се случи нема да биде порелаксирано и понатаму. Доколку ме прашате мене било каков триумф е задоволителен бидејќи се работи за една репрезентација која е во подем, која што има се повеќе интернационалци во својот состав, можеби оваа година и бројот на овие играчи е најголем, тие имаат девет интернационалци кои настапуваат во силните европски лиги. Тоа е репрезентација која може ќе атакува и на многу поголем пласман отколку само настап на Европско првенство. Како и да е имаме свои адути, играме на домашен терен и верувам дека атмосферата која што ќе биде направена во „Кале“ ќе биде на едно задоволително ниво. Играчите ќе дадат максимум и тоа ќе биде мотив плус и шанса за позитивен исход“, додава селекторот.

Се вчитува...