Јончевски: Гостивар има квалитет, јас само продолжувам по системот на Србиновски

Алек Јончевски имаше извонредно деби на клупата на Гостивар, предводејќи ги „сино-белите“ до убедлива победа над шампионот МЗТ Скопје со 65-51. Младиот стручњак пред само неколку дена го презеде кормилото на гостиварци, но успеа да го извлече максимумот од оваа екипа и да ја прекине серијата порази.

Клучна се покажа одбраната во втората и во третата четвртина, во која Гостивар на „металците“ за 20 минути игра им дозволи да постигнат само 15 поени (35-15 за Гостивар во овој дел од мечот).

„Јас и пред мечот истакнував дека верувам во оваа група на играчи, кои поседуваат и квалитет и искуство. Гостивар имаше одлични моменти во текот на сезонава, значајни победи над Пелистер и над Еуро Никел, едноставно беше влезен во еден кризен период кој во овој период е нормална работа за огромен дел од клубовите. Јас одржав само два тренинзи, така што немав време нешто да менувам, ниту пак сакам да донесам некои коренити промени. Јас исклучително го почитувам Марјан Србиновски како врвен стратег, така што продолжуваме да работиме под неговиот систем. Имаме искусни играчи, квалитетни играчи и верувам дека во иднина ќе продолжиме со уште подобри партии“, оптимист е Алек Јончевски.

МЗТ Скопје настапи ослабен на овој натпревар поради неиграњето на Дамјан Стојановски и на Гравет, а на клупата го немаше ниту првиот тренер Дарко Радуловиќ.

„Тие дефинитивно беа ослабени, но истото може да се каже за нас, го немавме Фрајдеј, кој е од огромна важност за нашата игра во рекетот. Американецот даде се од себе, се обиде да игра, но веднаш стана јасно дека нема да може да ни помогне. МЗТ беше ослабен, но во минатото сме гледале како играат без Дамјан и многу подобро се справуваат со таа ситуација. Оваа победа на Гостивар се должи и на нашето одлично издание, не само на проблемите на противникот“, вели Јончевски.

Се вчитува...