Јончевски: Кожув игра одлично, жал ми е што не игравме подоцна со МЗТ

Кожув е едно од најпријатните изненадувања на стартот од сезоната во македонското првенство, откако по првите осум кола забележа шест победи. Тренерот Алек Јончевски во текот на летото состави силен костур од домашни кошаркари, дополнувајќи го со квалитетни странци, што придонесе тимот од Гевгелија да игра одлична кошарка од самиот почеток на сезонава.

„Секако дека сум задоволен, бидејќи донесовме голем број на нови кошаркари, но сепак игравме одлично од самиот старт на шампионатот. Жал ми е што не игравме подоцна со МЗТ Скопје, тоа беше дуел од првото коло што го загубивме „на една топка“, но го игравме во период кога противникот беше во натпреварувачки ритам, а нам ни недостигаа квалитетни контролни средби. Севкупно во досегашниот ден од сезоната одигравме само една слаба четвртина, што не чинеше пораз на дуелот со Гостивар, но генерално мора да сум задоволен од изданијата во досегашните осум кола“ – вели тренерот Јончевски.

Целите на Кожув остануваат идентични на оние кои беа зацртани пред стартот на сезоната.

„Уште кога почна сезоната најавивме дека наша желба е да влеземе во Топ 4. Тоа не е променето, веруваме дека имаме квалитет за такво нешто, со резултатите досега покажавме дека сме сериозна екипа и очекувам во ист стил да продолжиме и во периодот што следи“ – истакнува Јончевски.

Трофејниот стручњак се соочи и со проблеми на самиот почеток од шампионатот.

„За жал, стартот на сезоната донесе и сериозен проблем откако еден од донесените странци, Србинот Павловиќ, реши да си замине поради лични причини. Бевме принудени да експериментираме со доведувањето на Мареро, кој не настапува на истата позиција, па моравме да направиме низа тактички рокади. Згора на тоа, Мареро е дојден само на два месеци, бидејќи веќе има договор со порторикански клуб за следната година. На тоа се надоврзува и последниот проблем со повредата на Бојан Трајковски, но верувам дека ќе излеземе посилни од целата ситуација и ќе продолжиме со серијата добри игри и резултати“ – оптимистички е расположен стратегот на Кожув.

Се вчитува...