Јончевски: Нема простор за опуштање, одиме на потврда на првото место во февруари

Македонската кошаркарска репрезентација е на добар пат да го осигура првото место во претквалификациската група за Евробаскетот 2025 и да се пласира во главните квалификации откако „црвено-жолтите“ предводени од Александар Јончевски по четири одиграни меча имаат перфектен скор.

По победите на гостувањето кај Данска и триумфот во Скопје против Словачка, во вториот „прозорец“ во Гевгелија „паднаа“ Норвешка и повторно Данска во драматичен натпревар, но и покрај задоволството селекторот вели дека нема простор за опуштање и во февруари мора да забележиме барем една победа.

„После една серија од порази во оние светски квалификации, нормално е дека никој, па ни самите играчи не очекуваа да ги започнеме квалификациите со четири победи. Оној пријателски натпревар со Црна Гора ни беше мерило како да им пристапиме на овие натпревари. Норвешка ја спуштивме на, за мене, неверојатни 36 поени, селекција која претходно постигнуваше по 90 и плус поени“, вели Јончевски кој потоа продолжи и за предизвиците кои следат

„Не би сакал да кажам дека сме на половина пат бидејќи и Словачка со победата во Норвешка сега останува во игра. Ќе мора да победиме барем на уште еден од двата натпревари кои ни преостанаа. Наше е да се надеваме, и да одиме на победа. Од овие „прозорци“ што ги спроведува ФИБА можеме да очекуваме дека и во февруари, кога се игра последниот, ќе имаме сличен состав на овој во Гевгелија“, вели Јончевски.

Се вчитува...