Јончевски: Ова е една сосема нова генерација, сите ќе извлечеме поуки од поразите во Талин

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Алек Јончевски, со кратка анализа за трите порази во Талин потенцираше дека македонскиот национален тим настапи во значајно подмладен состав на овој предолимписки турнир.

Јончевски јасно стави до знаење дека новиот почеток значи и соочување со реалноста што ја носат резултатите и дека оваа нова генерација треба напорно да работи за да се обиде да ги достигне височините од своите претходници.

„Можеби тоа е и најголемиот проблем, каде дел од нашите стандардни , а сега и потенцијални репрезентативци не добиваат доволно простор каде би можеле да напредуваат , а со тоа и самата репрезентација. Некои од нив ги одиграа и првите минути во сениорска репрезентативн кошарка оваа сезона. Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи. А тоа е дека во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат“, вели Јончевски.

„Црвено-жолтите“ на третиот дуел со Чешка покажаа најдобра игра, но и тоа беше недоволно за да се стигне до утешна победа на овој предолимписки турнир.

„Направивме низа на грешки, и тоа во серија, што нè чинеше,Чесите да се одлепат резултатски. Повторно се вративме  но не целосно, за да успееме и да изненадиме. Сепак се работи за селекција во која имаат играчи од НБА и од Евролигата, за кои, во одредени делови од натпреварот и немавме адекватен одговор. Таков всушност беше и целиот турнир. Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи, многу поголема и од онаа која ја имаат во нивните матични клубови“, изјави македонскиот селектор за официјалната веб-страница на КФСМ.

Се вчитува...