Јончевски: Ситни детали го одлучија мечот, немаше да биде незаслужено и доколку ние славевме

Натпреварот на осмото коло му припадна на МЗТ Скопје кој успеа во неизвесен натпревар да слави против Гостивар со 78-75. Аеродромци во првото полувреме имаа и позитива од 14 поени, во последната четвртина имаа и +9 (64-56), но гостите кои на овој меч настапија без неколку играчи во ниеден момент не се предадоа.

Напротив одиграа одлично во нападот и одбраната и успеаја да се вратат во натпреварот, а имаа и шанса за изедначување во последните моменти па по натпреварот тренерот на Гостивар, Александар Јончевски не го криеше задоволството од прикажаното на неговиот тим.

„Им честитам на МЗТ за победата. Како и да е задоволен сум од енергијата и борбеноста која ја покажавме. На крајот одлучија ситни детали, а и ние имавме можност со две слободни фрлања на пет секунди до крајот да дојдеме до различен исход и немаше да биде незаслужено доколку и ние победевме. Ни следи период на пауза за националниот тим така да ќе се подготвуваме за дуелите против ФМП, Кожув и Пелистер. Ќе се обидеме да извадиме што поповолен резултат остварување на за амбициите кои ни е влез во Суперлига“, изјави за ЕКИПА, Јончевски.

Еден од оние кои недостасуваа беше Маише Дејли кој во досегашниот дел од сезоната бележи просек од 10.1 поен со реализација од 52 отсто од поле и 40 отсто за три поени, а надополнува и 4.9 скока и 2.1 асистенција.

„Имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар по победата на ТФТ, но имавме и пехови. Не бевме во цел состав, имавме три повредени играчи и Мејши Дејли за кој не знаевме што ќе се случува со него. Имаше серозен кардиолошки проблем, но добро е што работите поминаа најдобро па тој ќе се врати наскоро. Меѓутоа тие три дена надвор од фокус и неговото отсуство многу значеа на овој натпревар. Тој е играч со најголема минутажа, покрива повеќе позиции, игра одлично и во одбрана и во напад, а сега настапивме без него во можеби и најбитниот натпревар во првиот дел од првенството“, додава предводникот на гостиварци.

Се вчитува...