Македонскиот селектор Алек Јончевски го објави списокот на кошаркари кои ќе бидат во комбинација за настап на завршните квалификациски средби за Евробаскет 2025, против селекциите на Естонија и на Полска.
На списокот се наоѓаат двајцата натурализирани Американци, Итан Хап и Ти-Џеј Шортс, при што големи се шансите Шортс повторно да го облече дресот на Македонија и за првпат на еден официјален натпревар да заигра крај Ненад Димитријевиќ (досега имаат само еден пријателски меч, против Полска).
Поради проблемите со центарската позиција приоритет беше Хап, но бидејќи кошаркарот на Валенсија се уште се мачи со повреда, сега погледите ќе бидат насочени кон Шортс, кој би требало да ја прифати улогата на натурализиран репрезентативец за овој февруарски прозорец.
На списокот е и Андреј Јакимовски, кој има обврски кон тимот на Колорадо во НЦАА-лигата, но се уште е неизвесно дали тој ќе може да помогне.
„Во последните седмици сум во редовен контакт и со тренерот и со управата на тимот на Јакимовски. Она што ме радува е што Андреј сака да дојде, навистина сака да помогне во овој двомеч. Последниот збор ќе го има неговиот тренер, јас го вклучив во списокот за да може да игра ако добие зелено светло и веднаш би допатувал од САД“, изјави селекторот Јончевски.
Тој поради повреда не може да смета ниту на Адем Мекиќ, додека Дамјан Стојановски се врати во репрезентативна пензија откако капитенот на МЗТ Скопје претходно излезе во пресрет за да помогне на последните квалификациски средби.
„Црвено-жолтите“ се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, најпрвин во Талин мора да слават над Естонците со над пет поени разлика, а потоа на домашен терен да триумфираат над Полска, за да се најдат пред Естонија на табелата и да стигнат до билет за континенталниот собир.
Првиот собир на репрезентацијата е закажан за 17. февруари (понеделник) со почеток во 18:00 часот, во СРЦ Кале.
СПИСОК НА ПОВИКАНИ КОШАРКАРИ
-
Војдан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром
-
Андреј Магдевски – МЗТ Скопје Аеродром
-
Бојан Крстевски – МЗТ Скопје Аеродром
-
Андреј Маслинко – МЗТ Скопје Аеродром
-
Марин Петков – МЗТ Скопје Аеродром
-
Стојан Ѓуроски – Работнички
-
Дамјан Робев – Работнички
-
Виктор Ефремовски – Работнички
-
Андреј Шошкиќ – Работнички
-
Теодор Симиќ – Кожув
-
Страхил Николов – ТФТ Скопје
-
Ненад Димитријевиќ – Олимпиа Милано
-
Лејсон Зеќири – Башкими
-
Андреј Јакимовски – Колорадо
-
Итан Хап – Валенсија
-
Ти Џеј Шортс – Париз
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА