Јончевски: Целта на Кожув е скалп на некој фаворит во Супер-лигата

Кожув играше топло-ладно од почетокот на натпреварувачката сезона, но атмосферата во тимот и игрите на теренот значително се подобрија со доаѓањето на Алек Јончевски на клупата на тимот од Гевгелија. Поранешниот стратег на МЗТ Скопје за кратко време успеа да ја наметне сопствената филозофија, што резултираше со значајни победи над МЗТ во Аеродром и над Фени индустри, со кои Кожув дефинитивно го обезбеди пласманот во Супер-лигата.

„Дојдов во период на згуснат распоред и ми требаше малку време, но мило ми е што кошаркарите ги прифатија моите методи на работа и што играме добра кошарка. Прв чекор ми беше промена на странците, кои не беа на задоволително ниво, сметам дека оние кои пристигнаа во меѓувреме многу подобро си ја вршат работата и ја заслужија мојата доверба. Презадоволен сум и од залагањето на домашните кошаркари, кои понесоа огромен товар и одговорија на предизвикот. Затоа и не планирам коренити промени во тимот, туку сакам во Супер-лигата да настапуваат оние кои го однесоа Кожув до ова натпреварување“ – истакнува Јончевски.

Најдобрите шест екипи во Првата лига ќе разигруваат меѓу себе, а првите четири места во Супер-лигата ќе се најдат во плејофот.

„Со оглед на заостанувањето зад ривалите мислам дека е нереално сега да ветувам плеј-оф. Она што можам да го најавам е дека ќе се бориме на секој натпревар, ќе продолжиме да се развиваме како екипа. Поседуваме квалитет, очекувам да земеме скалп на најмалку еден фаворит во претстојниот период“ – вели Алек Јончевски.

Кожув денеска го игра градското дерби со Блокотехна, големиот ривал од кого веќе загуби три пати сезонава (еднаш во Првата лига, два пати во БИБЛ).

Се вчитува...