Јончевски: Турнирот во Талин е добра шанса за воигрување пред следните предизвици

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација денеска од 18 часот во Талин ќе си ги одмери силите против Израел во првиот натпревар од претквалификациите за Летните олимписки игри кои ќе се одржат во Париз до 2024 година.

Македонија и на овој собир во главниот град на Естонија нема да настапи во полн состав, а во сениорскиот дрес ќе дебитираат четири млади кошаркари.

Со оглед на противниците и системот на натпреварување Македонија ќе цели на што подобро претставување, а на овие натпревари селекторот гледа како добра шасна за поголемо воигрување пред понатамошните собири.

„По многуте откажувања на неколку стандардни репрезентативци, а последното и пред самото поаѓање на турнирот кој следи во Талин ќе настапиме со дури четири играчи кои за прв пат се во состав на сениорскиот тим.

Со оглед на тоа дека само една репрезентација од вкупно осум, поделени во две групи ќе го продолжи натпреварувањето во квалификациите за пласман на Олимпијадата, фаворити секако ќе бидат оние репрезентации кои ќе имаат и најголем број на играчи кои би можеле да се најдат во ротација, а воедно да се задржи квалитетот.

Ќе го искористиме овој турнир за што поголемо воигрување на новите репрезентативци на кои ќе мораме да се потпреме во понатамошните собири. Верувам дека сите што се најдоа на списокот, како и оние кои допрва ќе се најдат, ќе имаат и што да покажат. Да ги искористат своите минути, а истовремено да можат да ги увидат и вистинските спортски и човечки вредности на малкумината искусни, на чело со капитенот Војдан Стојановски“, вели Јончевски пред почетокот на турнирот во Талин.

Се вчитува...