Во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ гостин е поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз кој меѓу бројните теми се осврнува и на интересна епизода од минатото кога македонските медиуми пренесоа сосема погрешен резултат од пријателски натпревар на младите селекции на Македонија и Србија, одигран во нашата земја.
Пред 20 години, кога Јонуз беше селектор на младата репрезентација за фудбалери до 21 година, Македонија загуби со 7-1 на пријателски натпревар од соодветната селекција на Србија. Тогаш македонските медиуми (зачудувачки ниту ден од нив не присуствувал на пријателскиот дуел), информацијата за резултат преку телефон ја барале од претставниците на ФФМ и директно од селекторот Јонуз.
Дел од медиумите тогаш пренесоа дека селекторот Јонуз им кажал дека резултатот бил 5-1 за Србија, и така пренесоа поголемиот дел од нив, за да следниот ден во српските пишани медиуми се открие вистинскиот резултат, пораз од 7-1.
Во „ПРЕСИНГ“ сега Јонуз открива дека тој воопшто не го пренел резултатот на медумите, а 5-1 во записникот внеле двајцата претставници на ФФМ во тоа време, кои „заспале“ на два гола.
„Сега ќе ви кажам. Баш добра прилика да кажам за тоа околу кое тогаш се крена голема фама. Значи, селекторот ниту има врска со записник, ниту со резултат, ниту со информација, ништо. Таму имаше двајца претставници од ФФМ, и судијата кои го правеа записникот, потпишуваат и си одат. Арно ама, двајцата претставници од ФФМ првите дваесет минути не ги гледаа затоа што заврна снег и тие си се сокрија во комбето и си седеа. Првите два гола ги ‘лапнавме’ во тие 20 минути, но тоа беше една репрезентација која беше фантастична на Србија, а ние не гледавме на резултатот затоа што тоа беше нов почеток со нова генерација која ја подготвувавме за следниот квалификациски циклус. Тоа беше еден нов почеток, а после тоа почнавме да редиме победи со Англија, со Албанија…, со Романија, со Унгарија. Нова селекција, нови играчи, ново сè“ – вели Јонуз и дополнува:
„Кога се заврши натпреварот, играчите си отидоа, а јас бев дојден со мојот автомобил кога на телефон ми се јави портпаролот Зоран, и новинарот Перо Момировски ми звонат. Колку е вика натпреварот? Викам 7-1 за Србија. Како бе 7-1? А бе овие во записникот пишуваат дека е 5-1, ми рече портпаролот. Значи тоа е класична нивна грешка и на судијата. И после кога дојдовме во ФФМ им реков на тие претставници дали сте нормални вие? Инаку, мене која разлика би направило дали е резултатот 7-1 или 5-1. Нема никаква разлика. Значи јас во тоа ама воопшто не бев вклучен. Но, тогашната опозиција сакаше да направи опструкција, постојано се бараа афери,измислувања…“.
==============================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
