Ла лига го казни Рајо Валјекано

Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација го казни Рајо Валјекано со делумно затворање на стадионот и парична казна од 6.000 евра, откако протестите на навивачите на овој клуб доведоа до прекин на натпреварот против Атлетик Билбао минатиот викенд.

Саботната средба беше прекината по само 13 минути игра, бидејќи домашните навивачи фрлаа хартиени „авиончиња“ и гумени топчиња на теренот, протестирајќи против сопственикот на клубот, Раул Мартин Преса. Ла Лига се уште нема објавено кога ќе се доигра прекинатиот натпревар.

Комисијата одлучи да го казни Рајо со затворање на јужната трибина за следниот домашен натпревар против Елче, кој е закажан за 24 октомври. Клубот доби и официјално предупредување дека, доколку се повторат слични инциденти, целиот стадион ќе биде затворен за гледачи.

Протестите против Преса стануваат се почести, а се предизвикани од големото незадоволство на навивачите поради долготрајното запоставување на клупската инфраструктура. Уште во февруари, играчите и стручниот штаб на Рајо издадоа заедничко соопштение во кое предупредија дека тренинг-центарот и теренот на кој ги играат домашните натпревари воопшто не ги исполнуваат потребните услови.

Подоцна, регионалната влада на Мадрид привремено му забрани на клубот да го користи стадионот „Валјекас“ од безбедносни причини, со што Рајо беше принуден првите три домашни натпревари од сезоната во Ла Лига да ги одигра на други стадиони.

Се вчитува...