Јованка Радичевиќ ја предводеше Црна Гора во триумфот против Шведска

Поранешната ракометарка на ЖРК Вардар, Јованка Радичевиќ капитенски ја предводеше репрезентацијата на Црна Гора во победата против Шведска со 30-28, на стартот од главната фаза на Европското првенство во Франција. Црногорките во втората фаза на шампионатот влегоа без бодови и практично, само со теоретски шанси да освојат едно од првите две места во групата што носат пласман во полуфиналето на ЕП.

Но, Црногорките од клупата предводени од Швеѓанецот Пер Јохансон, одиграа со полн капацитет во денешниот меч против Шведска и ја запишаа првата победа во втората фаза од шампионатот. Репрезентацијата на Црна Гора од почеток до крај имаше контрола на играта и на резултатот. Во првиот дел стигнаа до највисока предност од седум гола (8-15), но до крајот на првиот дел Швеѓанките успеаја да ја намалат негативата на 14-18.

Притисокот на Швеѓанките се зголеми на стартот од второто полувреме. Во првите минути се играше гол за гол, сепак, Црногорките успеаја да одолеат и да ја ја сочуваат предноста до крај за први бодови во главната фаза на ЕП во групата во Нант.

Јованка Радичевиќ со девет гола ја предводеше Црна Гора во победата, седум постигна Мајда Мехмедовиќ. Во репрезентацијата на Шведска најефикасна беше Изабел Гулден со седум гола.

Се вчитува...