Јовановски: Подготвени сме за Хонвед

Шест дена остануваат до првиот меч на Работнички во квалификациите на Лигата на Европа. Противник е унгарскиот претставник Хонвед, а воведниот натпревар е закажан за 11 јули, со почеток во 17.30 часот, на комплексот на ФФМ.

По подготовките во Словенија, тимот на Работнички се врати во Скопје, и се подготвува за дуелите со Хонвед. Иако пријателските мечеви не минаа добро од резултатски агол, сепак, шефот на стручниот штаб Ѓоре Јовановски вели екипата е подготвена за предизвикот во квалификациите за Лигата на Европа.

„Не минавме најдобро на резултатски план на пријателските натпревари, но, тие сепак служат за воигрување на тимот и за испробување на повеќе варијанти во играта. Им дадовме шанса на сите фудбалери да се наметнат, и мислам дека подготвени ќе го дочекаме двомечот со Хонвед. Но, едно се пријателски мечеви, а сосема нешто друго да се игра во Европа. Допрва ќе видиме како сме се подготвиле. Верувам дека фудбалерите ќе го дадат максимумот, можеби Унгарците се и фаворити со оглед на традицијата и славното минато, но ние сме оптимисти и се надеваме на успех“, вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски, за официјалниот сајт на клубот.

Работнички, утре со почеток во 17.30 часот, ќе одигра пријателски натпревар против Вардар, на игралиштето во Аеродром.

Се вчитува...