Јовановски: Резултатот беше најважен…Тасевски: Не успеавме да дадеме гол

Силекс и Работнички одиграа без голови во мечот кој беше прогласен како „битка за третото место“. По ова, „романтичарите“ се во добитна позиција и сами решаваат за својата судбина на дуелот против Скопје дома, а Силекс падна на петтото место и ќе треба да се надева дека Шкупи нема да го победи Вардар, а тие да слават на гости против Академија Пандев.

Тренерот на Работнички, Ѓоре Јовановски, секако е позадоволен од крајниот епилог на дуелот во Кратово.

„Беше ова тежок и неизвесен натпревар до самиот крај. За нас беше најважно да не загубиме и свесно жртвувавме дел од убавината во играта за да ја оствариме целта. Сега сами си ја решаваме судбината во последното коло против Скопје на домашен терен и се надеваме дека ќе ја исполниме нашата мисија. Честитки за фудбалерите за големата борбеност, не беше лесно да се игра денеска во Кратово“ – изјави Ѓоре Јовановски.

Тренерот на Силекс, Жикица Тасевски, разочаран откако кратовскиот прволигаш не успеа да победи на денешниот дуел.

„Одигравме добар натпревар, заслуживме победа, но, за жал, ни недостигаше победничкиот погодок. Имавме шанси, но затаи реализацијата. Доколку и на минатите натпревари бевме вака пожртвувани, немаше да се доведеме во ваква ситуација. Се додека има и најмали шанси, ние ќе се бориме за излез во Европа“ – истакна Жикица Тасевски.

Се вчитува...