Јовановски: Задоволни од резултатите, да ја подобриме и играта

Работнички оствари три победи по ред во македонскиот шампионат, по стартниот пораз од Ренова, и репрезентативната пауза ја дочека на првата позиција на табелата со девет освоени бода. Ова секако му причинува задоволство на шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски, кој сепак потенцира дека играта на тимот треба уште многу да се подобрува.

„Ако ги анализираме натпреварите од резултатски агол, тогаш треба да бидеме задоволни. По поразот на самиот почеток од првенството, потоа влеговме во победничка низа од три натпревари. Но, секогаш гледаме напред и сакаме да бидеме подобри, па затоа треба да работиме уште многу на подобрување на играта на тимот. Можеме да функционираме подобро во одредени линии од тимот, треба да исправиме некои грешки кои се појавија и затоа не очекува напорна работа“, вели Ѓоре Јовановски за официјалниот сајт на клубот.

Работнички в сабота, со почеток во 19 часот, ќе гостува во Србија и ќе одигра пријателски натпревар против Раднички Ниш, на стадионот „Чаир“.

Се вчитува...