ЈПСОС: Спортските објекти се „потонати“ во криминал од претходната власт

Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти е уништетно и со повеќе од 10 години блокирана сметка и наталожен криминал од раководењето на кадрите на претходната власт, тврди сегашниот в.д.директор Шпенди Хајредин. Тој се најде во фокусот откако Антикорупциската комисија посочи за можни неправилности при закупот на дел од СРЦ Кале кој е даден на користење на Даниел Димевски, советникот за спорт во претходната влада на Зоран Заев. Во соопштението на ЈПСОС се вели:

Во интерес на транспарентно и правилно информирање на јавноста за тековните активности на ЈП за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на РСМ а поврзани со актуелни теми, Ви ја презентираме во целост фактичката состојба.

ЈПСОС е затекнато како финансиски уништено претпријатие со повеќе од 10 години блокирана сметка и дебело наталожен криминал од “успешното” раководење од кадрите на предходната власт.

Спортските објекти се сигурно најеклатантниот пример за бескурпулозниот однос на тогашната власт и безобзирна пљачка на се што е општествен имот.
Се што можело да се отуѓи, се отуѓило спротивно на закон, акти и правилници на ЈПСОС. Тоа што не можеле да го отуѓат го давале под закуп за смешни пари на свои партиски симпатизери и спортски мафијаши а останатиот дел од спортските објекти го оставиле да пропадне без совест и грижа дека тоа се сепак важни и потребни објекти кои во едно друго време сите ние сме ги граделе.

ЈПСОС изработи целосна правна, урбанистичка и фото скен анализа на секој спортски објект поединечно како основ за издржано носење на одлуки што понатаму со секој од тие објекти, која што анализа е составен дел од усвоената програма за санација на ЈПСОС и спортските објекти.

Врз база на овој пристап досега успеавме да ги отргнеме од канџите на спортската мафија голем дел од спортските објекти, но отпорот е голем и проследен со закани, подметнувања и пласирање на лажни вести и дезинформации, се со една цел, за да си остане и понатаму се исто и истиве криминални закупци да си го дораскрчмат она што останало од спортските објекти.

За нивна жал, оваа власт и раководство на ЈПСОС им објави војна на сите овие спортско мафијашки профитери и им ги раскина штетните договори а спортските објекти ги предаде на заинтересираните Општини и спортски федерации.

Така, култниот спортски комплекс Партизан 4 во Карпош, успеавме да го вратиме на граѓаните на Општина Карпош која деновиве отпочнува проект за целосно реновирање и враќање на сјајот на овој важен спортски комплекс.

Салата Расадник во Кисела Вода е предадена на Општина Кисела Вода и целосно ќе се реновира за потребите на граѓаните и спортските субјекти, претежно од ракометот.
Салата Кале е предадена во трајно владение на Кошаркарската федерација во интерес на спортистите, сегашни и идни.

Некогаш култното скопско лизгалиште Кале а денеска за жал вистинска руина е дадено на Националната федерација за лизгачки спортови која заедно со Општина Центар и со подршка од Град Скопје и меѓународни спонзори и донатори ќе го реновира и Скопје повторни ќе има лизгалиште и предуслов за развој на сите зимски спортови на мраз.

Останатиот дел од СРЦ Кале е издаден на повеќе субјекти, и тоа поименично:
– Деловен простор во склоп на СРЦ Кале 2 е даден под закуп на Трговско друштво за внатрешен и надворешен промет транспорт и услуги “ВАЈ-ВАНЧО” ДООЕЛ;
– Спортска сала 2 во склоп на СРЦ Кале во Скопје е дадена под закуп на ЕУРОИМПЕКС;
– Деловен простор во склоп на СРЦ КАЛЕ 2 на први кат е дадена под закуп на Друштво за продукција и услуги МЕЛЕМ ПРОДУКЦИЈА ДООЕЛ;
– Една од деловните простории во поттрибинскиот простор во склоп на СРЦ Кале во Скопје е дадена на Друштво за производство,трговија и услуги ДИЗЕЛ СЕРВИС ДОО-Скопје;
– Дел од СРЦ Кале опфатен во градежни парцели, дуќан (деловен простор) во СРЦ Кале 1 и паркинг простор во склоп на СРЦ КАЛЕ е даден под закуп на ТУРД ОЛИМПИК ДОО;
– Деловен простор и тоа два угостителски ресторани со тераса во зграда јужна трибина од лизгалиште во склоп на спортско рекреативен центар Кале 2 е даден под закуп на Друштво за производство на храна и трговија ПЛАСЕТ – ДОНЕР & БУРГЕР ДООЕЛ Скопје.
Сето ова е поткрепено со валидни материјални докази кои што може да се проверат.
Важно е да се напомене дека износот на закупот што сега го собира ЈПСОС е за три пати поголем од износот кој што бил предходно договорен но за жал и тој не бил со години уплатуван на сметката на ЈПСОС.

Спортската сала во Ѓорче Петров е во финална фаза на доделување на Пинг-понгарската федерација и Општина Ѓорче Петров.

Во Куманово на Општината Куманово се предадени сите спортски објекти:
– Спортската сала
– Градскиот стадион за фудбал
– Соколана
– Стрелиштето, за жал сите во лоша и крајно запуштена состојба.

Во Радовиш, на општина Радовиш е предадена спортската сала “25 Мај”.

Градскиот стадион во Струмица има 29 деловни простории (дуќани) кои се издадени на правни и физички лица. Најголемиот дел од нив,речиси сите не плаќаат закупнина повеќе од 10 години.

Во тесна корелација со Владата и Јавното Правобранителство интензивно се работи на дораскинување или преформулирање на договорните услови и на останатите штетни договори за закуп на спортски објекти, како што се:
– Олимпискиот базен во Скопје
– Градскиот стадион во Струмица
– Дел од СРЦ КАЛЕ и тоа 2 хали (магацини) и земјиштето околу нив во Скопје.

Исто така констатитаравме дека многу спортски објекти не се евидентирани во Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ па преземавме соодветни мерки со кои околу 40 објекти ќе бидат упишани во Агенцијата за катастар до крајот на месец Мај 2020 година и со тоа објектите ќе се вратат на граѓаните на РСМ. Всушност станува збор за објекти кој до ден денес се користени од страна на неодговорни таканаречени спортски “работници”, на кои им одговарала ваквата нејасна состојба а се во прилог на остварување на свои лични цели и интереси.

По однос на наводите изнесени од Виктор Начевски одговорно тврдиме дека се изнесени големи невистини и манипулации. Сето ова со намера за останување и профитирање на незаконското работење, истакнување на голем профит од таканаречените спортски “работници”. Во прилог на оваа информација за раскинување на Договорот за закуп со ЦД КЛУБ МАКИ и негово иселување истакнуваме дека постои правосилна судска одлука ТС 36/15 од 14.03.2019 година каде што ЦД КЛУБ МАКИ е должен во рок од 8 дена да ги ослободи просториите вклучувајќи ги базените и лизгалиштето од луѓе и ствари. Во прилог ви доставуваме извадок од пресудата каде таксативно се набројани катастарските парцели како и простории од кои ЦД КЛУБ МАКИ е задолжен да се исели. Воедно, во прилог ви доставуваме и допис од Државно правобранителство на РСМ од 20.01.2020 година упатено до ЈПСОС, каде што Правобранителството бара во најкус можен рок да го известиме дали е постапено по горецитираната пресуда.
Како доказ во оваа информација во прилог ви доставуваме и фотографии направени непосредно пред објавување на информацијава со што сметаме дека нема потреба од зборови за да се увиди во каква катастрофална состојба се наоѓа објектот како и фактот дека во истиот повеќе од 30 години наназад нема инвестирано ниту еден денар. Згора на сето ова правното лице ЦД КЛУБ МАКИ Дооел не само што нема никаква инвестиција, истиот за целиот временски период СРЦ КАЛЕ го чувал во целосна руинирана и запуштена состојба.

Раководството на ЈПСОС е апсолутно свесно за опасностите кои што ги носи отворањето на фронтот со финансиски моќните спортско мафијашки структури на кои не им одговара концептот кој што го водиме а е во интерес на граѓаните и спортот во целост, но тоа е наша трајно програмска определба на која ќе истраеме до крај, посветено и одлучно.

Заврши времето и веќе ниеден спортски објект не е и нема да биде пренаменет во било што друго освен спорт и само спорт. За жал многу некогашни спортски игралишта ги затекнавме веќе неповратно уништени со целосно изградени згради на нивно место. Тие ќе останат како потсетник за начинот на работа и односот спрема спортот и граѓаните од страна на истиве денеска загрижени душегрижници од ВМРО ДПМНЕ.

Ги повикуваме и средствата за јавно информирање да ни помогнат во исполнување на нашата заедничка цел за враќање на спортските објекти на спортот и граѓаните. За таа цел најмногу ќе ни помогнете со пренесувањето на проверени и точни информации и разобличувањето на оние што со задна намера пласираат лажни вести и дезинформации.

Прилог: 1.Фотографии од СРЦ КАЛЕ.
2.Известување од Државно Правобранителство на Р.Северна Македонија од
20.01.2020 година.
3.Пресуда 52 ТС бр.36/15 од 14.03.2019 година на Основен Суд Скопје 2 Скопје.

Со Почит,
Скопје, 05.05.2020 Јавно претпријатие за стопанисување
со објекти за спорт сопственост
на РСМ
ВД Директор
Шпенди Хајредин

Се вчитува...