Викендов што следува се одбележува јубилеј по повод 50 години традиционално карате во Македонија. По тој повод се одржа прес конференција во просториите на Агенцијата за млади и спорт, на кој уводен говор имаше директорот Дарко Каевски.
„Агенцијата за млади и спорт во соработка со Македонската Федерација за Традиционално Каратего одбележуваат јубилејот низ повеќе активности, семинари, предавања, свечени промоции, со цел мотивирање на младите луѓе кон спортот и традиционалното карате воопшто. Во таа насока Агенцијата за млади и спорт ја поддржува и финансиски ќе ја помогне манифестацијата наречена “50 години традиционално карате во Македонија”, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.
Дејан Недев како најеминентен претставник на овој спорт јавно се заблагодари за поддршката што ја добива од Агенцијата за Млади и Спорт.
„Поддршката која Агенцијата за млади и спорт ја дава кон нашата федерација за оваа манифестација, но и за сите активности предвидени во календарот на натпревари на домашен и меѓународен план е од големо значење. Во таа насока сакам да изразам голема благодарност кон АМС и да ги поканам сите граѓани, спортисти и спортски работници на тренинг академијата со др. Владимир и Илија Јорга во Будо карате центарот “Недеви”, во сабота и недела од 11-13 часот, како и промоцијата на Монографијата “Половина век исполнет со успеси”, закажана за сабота 13.00 часот на Универзитетот за Туризам и Менаџмент, посочи Дејан Недев.
Венцислав Недев укажа на важноста на јубилејот од два аспекта:
– 50 години е долг период за одржување на континуитет
– Во овој период се остварени врвни резултати достојни за претставување на Македонија на меѓународен план.
„Од таа причина ги поканувам сите љубители на традиционалното карате на свечената академија во Музејот на Македонската револуционарна борба, во недела во 19.00 часот“, истакна Венцислав Недев, подарувајќи примерок од Монографија на директорот Каевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА