Јуфо: Во Шкендија стекнав пријатели, но сега сакам само Вардар да победи

Бразилецот Јуфо беше најавуван како едно од најголемите засилувања на Вардар за новата сезона, но повредата заработена на подготовките придонесе тој да не настапи на двете средби против Пјуник во квалификациите за Лигата на Европа. Тој во меѓувреме ги надмина проблемите, настапи на последните контролни средби и ќе биде во комбинација за премиерниот дуел од новата сезона, во кој Вардар ќе му гостува на неговиот поранешен клуб Шкендија.

Тоа ќе биде само мотив повеќе за бразилскиот ас да се покаже во одлично светло на првиот официјален натпревар во дресот на „вардарци“.

„За среќа сега се е во ред. Подготвен сум за настап во првенството, и со нетрпение го очекувам мојот прв официјален натпревар во дресот на Вардар.  Така сакаше ждрепката, ако добијам шанса, тогаш првиот меч во Вардар ќе ми биде против мојот поранешен клуб. Додека настапував таму стекнав многу пријатели, меѓутоа сега сум во тимот на Вардар, и ќе се трудам мојот сегашен тим да победи. А, со останатите и натаму ќе останам пријател кога ќе заврши натпреварот. Со нетрпение го чекам мојот прв настап во Вардар и се надевам дека ќе имам деби со три бода“ – истакна Јуфо.

Се вчитува...