Јунајтед е специјалист за пресврти, нов потоп на Мурињо и Тотенхем

Манчестер Јунајтед уште еднаш покажа зошто е специјалист за пресврти на гостувањата во Премиер-лигата, откако со три гола во второто полувреме стигна до три бода против Тотенхем (1-3), иако „спарси“ имаа водство од 1-0 по првите 45 минути од натпреварот. Со овој триумф Јунајтед му се одмазди на Тотенхем за дебаклот од 1-6 во Манчестер во првиот дел од сезоната, сведувајќи ги на теорија шансите на „спарси“ за пласман во ЛШ и уште повеќе зголемувајќи го притисокот врз Жозе Мурињо.

Манчестер го постигна првиот гол на натпреварот преку Кавани, но беше поништен поради прекршок на Томинеј над Сон на почетокот од акцијата. Само неколку минути подоцна Тотенхем поведе, Лукаш Моура одлично го проигра Сон, а Кореецот немаше тешка задача од пет метри да ја смести топката во мрежата.

Како и многу пати оваа сезона, „црвените ѓаволи“ блеснаа кога беше најтешко, вртејќи го резултатот во своја полза во вторите 45 минути. Фред израмни на 1-1 со својот втор гол во дресот на Јунајтед, голот за водство со прецизен удар со глава го постигна Кавани, а печат на победата во судиското продолжение стави Мејсон Гринвуд.

Се вчитува...