Јунајтед повторно го откачи Интер за Лукаку

Антонио Конте не крие дека ангажманот на Ромелу Лукаку е еден од неговите приоритети за летниот преоден рок, но челниците на Интер тешко дека ќе успеат да ја исполнат оваа желба на новиот тренер. Причината е јасна – немањето финансии во ситуација кога Манчестер Јунајтед инсистира на висока отштета за „белгискиот џин“, а Интер нема премногу пари за трошење додека не успее да го продаде Мауро Икарди.

Интер најпрвин понуди десет милиони евра за двогодишна позајмица, со обврзувачка клаузула во 2021 година да доплати уште 60 милиони за целосно да го откупи договорот што Лукаку го има со Јунајтед. Тоа беше одбиено, па „нероаѕурите“ испратија нова понуда – 20 милиони евра за позајмица, со дополнителни 50 милиони за задолжителен откуп.

Сепак, експресно беше добиен нов негативен одговор. Очигледно е дека Јунајтед нема намера да преговара за позајмици, а Интер без да го продаде Икарди нема никакви шанси да собере 70 милиони евра за да го откупи Лукаку.

Се вчитува...