Јунајтед се поклони пред „старата дама“, Реал победи со бледа игра

Кристијано Роналдо се врати назад на „Олд трафорд“, а неговиот Јувентус како гостин го совлада Манчестер јунајтед со 0-1, зацврстувајќи се на првото место во својата група. Пауло Дибала беше човекот на одлука постигнувајќи го единствениот погодок по акцијата од десната страна што ја почна со одличен центаршут токму Роналдо. Португалецот потоа имаше одличен обид во вториот дел што Де Хеа едвај го одбрани, а Манчестер најубавата шанса за израмнување ја пропушти на десетина минути до крајот, кога ударот на Погба заврши само во дирекот.

Реал Мадрид славеше со 2-1 над Викторија Плзен во меч во кој повторно на површина излегоа бројни слабости во играта на „кралскиот клуб“. Европскиот првак поведе со 2-0 со головите на Бензема и Марсело, но мора да се истакне дека гостите од Чешка во првиот дел промашија два зицери. Плзен успеа да намли преку Хрошовски, бодовите останаа во Мадрид, но прикажаната игра не внесува преголем оптимизам кај „кралевите“ во пресрет на неделното гостување во Барселона. Згора на тоа во самиот финиш незгодна повреда заработи и Марсело, чиј настап на „Камп ноу“ сега е крајно неизвесен.

Рома рутински славеше над ЦСКА Москва со 3-0, натпревар во кој во главна улога беше Един Џеко, со два гола и асистенција до Ундер за третиот погодок на „волчицата“.

Пеп Гвардиола го одмори Агуеро, но Манчестер сити и без својот најдобар стрелец рутински го совлада Шахтјор во Украина со 0-3. Давид Силва го отвори резултатот, на 0-2 зголеми Лапорт, а конечните 0-3 во второто полувреме ги постави „резервистот“ Бернардо Силва.

Супер-интересно беше и во Амстердам, каде Ајакс 90 минути промашуваше шанси против Бенфика, за на крајот сепак да стигне заслужено до победа од 1-0 благодарение на среќниот погодок на Мазрауи.

ГРУПА Е: АЕК – Баерн М. 0-2, Ајакс – Бенфика 1-0.

Табела: Баерн М. 7, Ајакс 7, Бенфика 3, АЕК 0.

ГРУПА Ф: Шахтјор – Манчестер сити 0-3, Хофенхајм – Лион 3-3.

Табела: Манчестер сити 6, Лион 5, Шахтјор 2, Хофенхајм 2.

ГРУПА Г: Реал Мадрид – Плзен 2-1, Рома – ЦСКА М. 3-0.

Табела: Реал М. 6, Рома 6, ЦСКА 4, Плзен 1.

ГРУПА Х: Манчестер ј. – Јувентус 0-1, Јанг бојс – Валенсија 1-1.

Табела: Јувентус 9, Манчестер ј. 4, Валенсија 2, Јанг бојс 1.

Се вчитува...