Јуве чека бодови: Одложена одлуката за дербито со Наполи

Јувентус и Наполи ќе почекаат уште извесно време за да го дознаат епилогот од неодиграниот дерби-дуел од третото коло во Серија А, откако Калчо-лигата не го регистрираше овој натпревар, чекајќи „резултати од истрагата“ пред да донесе конечна одлука.

Ситуацијата е добро позната, Јувентус бара три бода и службена победа бидејќи противникот не се појави на терен, а немаше преголем број на заразени фудбалери со што би можел да го одложи натпреварот. Аргументот на Наполи е дека не стануваше збор за клупска одлука, туку за забрана од регионалните власти тимот да патува, бидејќи по позитивните тестови на Зиелински и на Елмас на сите фудбалери им биле издадени решенија за самоизолација.

Калчо-лигата беше свесна за аргументите на Наполи повеќе од 24 часа пред терминот на натпреварот, но сепак одби да го одложи мечот, што беше најава дека дуелот ќе биде регистриран со службен пораз за тимот што не се појавил на терен. Сепак, одлагањето на одлуката ги зголемува шансите на „наполитанците“ за добивање на нов термин на натпреварот, одлука што се очекува да биде донесена до крајот на оваа седмица.

Се вчитува...