Јуве има пеколен план – Нејмар крај Роналдо

Јувентус го комплетираше мега-трансферот на Матијс де Лихт, но управата на италијанскиот првак не планира да престане со „подароците“ за своите верни навивачи. Нејмар како најново засилување за нападот крај Кристијано Роналдо, тоа е желбата на Ањели и директорот Паратичи, кои веќе закажале и состанок со таткото на Бразилецот.

Јасна е желбата на Нејмар да се врати во Барселона, но каталонскиот гигант се мачи да најде финансии за мегапонуда до ПСЖ. Францускиот првак инсистира на отштета од над 100 милиони евра, плус двајца фудбалери, додека првата понуда на Барса изнесуваше прескромни 40 милиони. Каталонците веќе потрошија над 230 милиони евра на Гризман, Де Јонг и на голманот Нето, а во ситуација кога се мачат да продадат некој од поскапите фудбалери јасен е проблемот да се состави буџет за камбек на Нејмар.

Јувентус е доволно финансиски моќен за да си дозволи еден ваков мегатрансфер, па со тандемот Нејмар – Роналдо да го нападне трофејот во Лигата на шампионите. Згора на тоа Јуве ги има Кансело и Дибала како значајни адути во преговорите, кои би заминале во „пакет“ во Париз со доплата од околу 70 милиони евра. И челниците на ПСЖ се подготвени за компромис во ваквите преговори, само за да не се дозволи камбек на Нејмар во Барселона, тим со кој францускиот првак уште пред неколку години целосно ги наруши односите.

Се вчитува...