Јуве има проблем: Игуаин не сака да си оди, па мора да замине Манџукиќ

Јувентус летово веќе потроши над 100 милиони евра на нови фудбалери, дополнително ќе биде ангажиран нов напаѓач, па јасно е зошто „старата дама“ мора што поскоро да почне да продава дел од играчите на кои новиот тренер Сари нема да смета. Планот беше јасен, да си замине Гонзало Игуаин како еден од најплатените фудбалери во тимот, но Аргентинецот ги замрси сметките на управата јасно ставајќи до знаење дека нема намера да го напушти Јуве, дури и по цена целата сезона да ја мине на клупата за резерви.

Поради ова италијанскиот првак е принуден да го промени планот, а цената ќе ја плати Марио Манџукиќ. Последните информации од Италија говорат дека Хрватот е веќе ставен на трансфер-листа, а одредена е и неговата цена, во висина од 25 милиони евра. Во изминатиот период неколку екипи покажуваа интерес за „Супер Марио“, понуди најавуваа неговите поранешни клубови Борусија Дортмунд, Баерн Минхен и Атлетико Мадрид, па ќе биде интересно да се види дали некој од нив ќе постигне договор со Јуве за да го ангажира Манџукиќ.

Во меѓувреме, Јувентус ги продолжува преговорите за ангажман на нов голгетер. Прва опција е Мауро Икарди од Интер, но во ситуација кога „нероаѕурите“ не сакаат да го продадат Аргентинецот на актуелниот првак, „црно-белите“ подготвуваат одмазда тргнувајќи во офанзива по Ромелу Лукаку, кој се наоѓа на врвот на листата со желби на Антонио Конте.

Се вчитува...