Јуве ја понижи Барса, Јунајтед испадна и покрај судиската помош

Манчестер Јунајтед е елиминиран од Лигата на ШАмпионите по вечерашниот пораз од 3-2 од Лајпциг, со што „црвените ѓаволи“ паднаа на третото место во својата група. Германците тргнаа фуриозно, во првите 12 минути поведоа со 2-0, а кога Клајверт погоди за 3-0 на дваесетина минути до крајот се чинеше дека триумфот е запечатен.

Јунајтед сепак се врати најмногу благодарение на судијата Лахоз, кој најпрвин досуди смешен пенал за старт над Гринвуд, а потоа го призна и голот на Погба иако беше очигледно дека Мегваер играше со рака по ударот со глава на францускиот интернационалец. Лајпциг сепак го издржа завршниот притисок, а херој беше голманот Гулаши, кој во 93. минута со извонреден рефлекс спречи автогол кој ќе го одведеше англискиот гигант во осминафиналето.

Барселона доживеа ново фијаско под водство на Роналд Куман, губејќи на „Камп Ноу“ со 0-3 од Јувентус, со тоа паѓајќи на второто место во групата. Кристијано Роналдо постигна два гола од пенал на своето враќање на „Камп Ноу’, прв меч во каталонскиот храм на фудбалот по неговото заминување од Реал Мадрид. Покрај Роналдо, еднаш мрежата на Тер Штеген ја затресе и Мекени, додека на спротивната страна ветеранот Буфон со неколку одличн интервенции спречи каталонците да ја затресат неговата мрежа.

Динамо Киев го освои третото место во оваа група, по победата од 1-0 над Ференцварош со голот на Попов во 60. минута.

Челси ремизираше 1-1 со Краснодар, меч на кој Френк Лампард го изротира речиси целиот тим со оглед на фактот дека веќе го имаше осигурано првото место.

Се вчитува...