Јуве стапува на сцена – Дибала и пари за Нејмар

Барселона и Реал Мадрид со месеци се обидуваат, но не успеваат да се договорат со ПСЖ околу трансферот на Нејмар, а до крајот на преодниот рок истото ќе се обидат да го сторат и челниците на Јувентус. Бразилскиот медиуми гигант „Глобо“ откри дека токму „старата дама“ би можела да излезе како победник од трката по Нејмар откако подготвила понуда што е многу интересна за ПСЖ.

Пауло Дибала, плус 100 милиони евра, тоа е „пакетот“ што Јуве е подготвен да го плати за да го доведе Нејмар крај Роналдо и да го нападне трофејот во Лигата на шампионите. Во прилог на „старата дама“ оди фактот што ПСЖ и претходно сакаше токму Дибала да го наследи Нејмар на „Паркот на принцовите“, па со ваквиот развој на настаните „светците“ би го осигурале потписот на Аргентинецот, а би добиле и 100 милиони евра, пари што досега официјално не им ги понудиле ниту Барселона, ниту пак Реал Мадрид.

Весникот „Газета дело спорт“ засега ја третира оваа информација на „Глобо“ како шпекулација, но истото беше случај и минатото лето, кога португалски медиуми први објавија дека Кристијано Роналдо ќе дојде во Јуве. Едно станува јасно, „старата дама“ има финансиска моќ да доведе секого што ќе го посака.

Се вчитува...