Јувентус е на чекор до куп-финалето

Јувентус е во сериозна криза кога станува збор за Калчо-лигата, но „старата дама“ успеа да се разбуди барем за полуфиналето од Купот на Италија, триумфирајќи на првата полуфинална пресметка со Лацио со 2-0.

Тимот на Алегри покажа знаци на живот против ривалот од кого викендов загуби во лигашката пресметка, покажа повеќе од Лацио на теренот и заслужено стигна до победата. Јуве доби пенал во првото полувреме, што по долга анализа беше поништен бидејќи Камбијасо се наоѓал во офсајд.

Отпорот на гостите од Рим беше скршен во второто полувреме, кога Киеза доби едно додавање од средината на теренот и рутински ја смести топката во мрежата. Јувентус продолжи со добра игра, успевајќи да постигне и втор гол преку Душан Влаховиќ, откако Србинот во манир на голем стрелец го матираше гостинскиот голман.

Реванш натпреварот ќе се игра на 23 април на „Олимпико“ во Рим.

Се вчитува...