Јувентус го договори Артур, Пјаниќ е на пат за Барселона

Јувентус повеќе од два месеци го следеше Артур за денеска конечно да ги договори условите за трансферот на бразилскиот играч за врска од редовите на Барселона. Каталонците се загреани за Миралем Пјаниќ, но Јуве одбиваше да го пушти босанскиот плејмејкер да си замине ако во размена за него не го добие Артур.

Голем чекор напред беше направен пред неколку дена, откако Бразилецот конечно ја прифати понудата за петгодишен договор со „старата дама“, за плата од загарантирани пет милиони евра по сезона плус бонуси. Потоа клубовите ги интензивираа меѓусебните преговори, за денеска да биде обелоденето дека Барса ја прифатила понудата на Јувентус во висина од 80 милиони евра. Информацијата прв ја објави „Скај Италија“, за потоа да ја пренесат бројни медиуми ширум Европа.

Сега останува уште да се заврши вториот дел од работата, преселбата на Пјаниќ на „Камп Ноу“. Босанскиот ас не крие дека сака да го облече дресот на Барса, но Јуве бара 70 милиони евра за овој 30-годишен фудбалер. Во Барселона не се убедени дека разликата меѓу двајцата плејмејкери треба да изнесува само десет милиони евра, но се очекува двата клуба во најскоро време да постигнат договор, па Пјаниќ на крајот од сезонава да се пресели во Шпанија.

Се вчитува...