Јувентус и Милан во трка по Заниоло

Јувентус и Милан влегуваат во трката по Николо Заниоло, откако раководството на Рома се реши да го продаде талентираниот офанзивец за да обезбеди средства за ангажман на нови фудбалери во летниот преоден рок. Заниоло има уште една година од договорот со Рома, па наместо да добие продолжување на соработката, тој ќе биде ставен на трансфер-листа, во обид уште на почетокот од летово да биде најден купец за него.

Рома минатото лето бараше 70 милиони евра, но сега оваа сума е намалена на 50 милиони евра, поради договорот што истекува за 12 месеци и ризикот тој наредното лето без никаква отштета да си замине од „Олимпико“.

Јувентус и Милан сакаат да го доведат овој фудбалер во своите редови, спремни и на ризикот што го носи склоноста на повреди на Заниоло. „Старата дама“ планира да ја намали оваа сума вклучувајќи играч во понудата, опцијата Мекени беше експресно отфрлена од Рома, но „волчицата“ се интересираа за младите Ровела и Морети, па лесно може да се случи двата клуба да најдат заеднички јазик, со доплата од 30 милиони евра од „старата дама“ за  комплетирање на овој трансфер.

Ниту Милан нема намера да плати 50 милиони за италијанскиот репрезентативец, а адут на „росонерите“ во преговорите е Анте Ребиќ, кој ќе биде вклучен во понудата на актуелниот првак за Заниоло.

Се вчитува...