Се враќа Роналдо, но Сари не може да игра 4-3-3

Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, се соочува со нови проблеми околу составот во пресрет на утрешниот натпревар против Џенова. Откако во минатото коло ремизираше со Лече, „старата дама“ мора експресно да се врати на победнички патеки, но Сари за овој натпревар нема да може да смета на Миралем Пјаниќ и на Гонзало Игуаин.

Пјаниќ се пожали на болка во мускулот и мораше да биде заменет во Лече, додека Игуаин заработи незгодна повреда на главата, но бидејќи Сари ги имаше искористено трите замени, аргентинскиот ас остана на теренот до последниот свиреж.

„Прегледите покажаа дека Пјаниќ нема повреда на мускулот, но не сакавме да ризикуваме и тој не тренираше по Лече. Истото е случај и со Игуаин, чија повреда на главата може да биде многу незгодна. Проблемот е во тоа што дури и со враќањето на Роналдо, ние без Игуаин не можеме да играме во формација 4-3-3“ – се пожали Сари пред новинарите.

Покрај враќањето на Роналдо, добра вест за стратегот за Јуве е што по пауза од 45 дена повторно на располагање ќе го има и Даглас Коста, кој се очекува да добие шанса во второто полувреме против Џенова.

Се вчитува...