Ангажманот на нов врвен голгетер ќе биде приоритет на Јувентус во летниот преоден рок, а директорот Кристијано Џунтоли е подготвен да стори се за да го доведе Виктор Осимен од Наполи. Веќе е јасно дека Душан Влаховиќ летово ќе биде продаден од „старата дама“, а во клубот не се премногу импресионирани ниту од Коло Муани, кој имаше серија добри игри, но челниците на Јуве се сомневаат дали вреди да се платат 45 милиони евра за откуп на неговиот договор со ПСЖ.
Нигерискиот ас беше доведен во Неапол токму од Џунтоли додека тој беше директор на „наполитанците“, Кристијано остана во добри односи со Осимен и со неговиот агент, па сега планира да го искористи тој адут за да го убеди големиот ас да му се придружи во Јуве.
Осимен игра одлична сезона на позајмица во Галатасарај, но јасно е дека турскиот клуб нема буџет за да плати 75 милиони евра, колку што изнесува клаузулата за раскин на договорот и трансфер во клуб надвор од Серија А. Манчестер Јунајтед понудил само 55 милиони евра, а од друга страна, Јувентус е подготвен да плати дури и над клаузулата, испраќајќи вкупна понуда од 85 милиони евра за Осимен.
Де Лаурентис е познат како претседател што тешко преговара со „старата дама“, но првиот човек на „наполитанците“ ќе мора да ја проголта гордоста ако сака да заработи далеку повисока отштета од она што би го добил од друг клуб, особено откако Осимен повторно стави до знаење дека нема намера да се сели во Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА