Јувентус за три минути ја реши Монца

Јувентус победнички ја финишираше сезоната во Калчо-лигата откако „старата дама“ на домашен терен го совлада тимот на Монца со 2-0. Ова беше прв триумф по заминувањето на Масимилијано Алегри, а интересно е што Јуве стартуваше без најдобриот стрелец Душан Влаховиќ, но и во негово отсуство успеа да стигне до рутинска победа.

Победникот беше решен во рок од три минути во првото полувреме, најпрвин во 26. минута Киеза мајсторски се снајде и погоди за 1-0, а во 28. минута на 2-0 зголеми Алекс Сандро.

Сите фудбалери на Јувентус еуфорично го прославија погодокот на Сандро, за кого ова беше последен меч во дресот на „старата дама“ пред враќањето назад во Бразил, и тоа откако денеска левиот бек се израмни со Павел Недвед на врвот на листата странски фудбалери со најмногу настапи во дресот на Јувентус.

„Црно-белите“ од Торино ја завршија сезонава на третото место со 71 освоен бод, зад Интер со 93 и Милан со 74, со тоа што двата тима од Милано допрва треба да ги одиграат своите натпревари од последното коло.

Се вчитува...