Качевски додели неверојатни 12 жолти и 5 црвени картони на меч во Луксембург

Младиот македонски интернационален фудбалски судија Јован Качевски од Струга минатата недела судеше мошне тежок меч во младинската Лига на европските шампиони, играчи до 19 години во Луксембург меѓу домашиот клуб ХБ Прогреси и претставникот на Република Ирска, УЦД Даблин. Му помагаа Слаѓан Марковски и Бранко Путилин. Четврти судија беше од Луксембург, исто така и контролор на судењето.

Натпреварот заврши со победа на домашните фудбалери од 3-0. Меѓутоа, овој невиден „воинствен“ натпревар на младите фудбалери  на двете екипи, кои заборавија  на фер-плеј играјќи мошне грубо,  обилуваше со многу инциденти и прекини во сите 90 минути. Во еден момент беше и на работ Јован Качевски предвреме да отсвири крај на мечот. Толку беше„жешко“ на теренот.

Сепак Качевски успеа во регуларниот дел да го заврши натпреварот, со неславен  биланс, сигурно рекорден во младинската Лига на европските шампиони покажувајќи на недисциплинираните играчи на двете екипи дури 5 црвени и 12 жолти картони. Домаќините заработија седум жолти и три црвени картони, гостите пет жолти и два црвени картони. По мечот, претставниците на двете екипи, му се извинија на Качевски за неспортските испади на теренот на нивните млади фудбалери. И контролорот на судењето немаше забелешки за сите покажани картони.

М.М.

Се вчитува...