Каде се, што прават првите европски шампиони на Вардар: Само Столе Стоилов е „црвено-црн“ до ден денеска

На денешен ден пред точно шест години РК Вардар испиша историја стигнувајќи до првата титула европски првак. Неверојатно возбудлив беше тој фајналфор турнир во „Ланксес арена“ во Келн, каде „црвено-црните“ во два дена стигнаа до две неверојатни победи со голови во последните секунди. Лука Циндриќ беше херојот на полуфиналето со Барселона, а во големото финале пресуди голот на Иван Чупиќ, кој од крило го совлада Омејер за тотална еуфорија меѓу „црвено-црната армија“ во Келн, но и меѓу целокупната македонска јавност.

Од таа прва титула многу работи се променија коренито, токму тогаш почнаа и финансиските проблеми на клубот, кој и две години подоцна стигна до европска круна, со екипа која речиси цела година беше без земена плата од тогашниот газда Сергеј Самсоненко. Русинот го отстапи клубот оптоварен со милионски долгови, што придонесе и да си заминат речиси сите играчи кои беа дел од оваа прва шампионска генерација.

Поточно, сите со исклучок на еден – вечниот капитен на Вардар, Стојанче Стоилов. Македонската ракометна легенда остана доследна на љубовта кон клубот, одби бројни понуди и до ден денеска го носи црвено-црниот дрес. Договорот на Стоилов со „вардарци“ истече со крајот на сезонава, па останува да се види дали големиот борец ќе ја продолжи соработката или ќе стави крај на својата неверојатна кариера.

Голмани во тој тим беа Арпад Штербик и Страхиња Милиќ. Штербик веќе е пензионер со функција тренер на голманите на Веспрем, додека Милиќ пред неколку години ја заврши кариерата, но потоа реши да ја прекине пензијата и да се врати на терените, како член на Партизан. Во друштвото на „пензионери“ се наоѓа и рускиот лев бек Александер Деревен, кој во 2021 објави дека на 29-годишна возраст става крај на професионалната кариера.

Крилата на таа шампионска генерација, Тимур Дибиров и Иван Чупиќ, повторно играат и освојуваат трофеи заедно, сега во дресот на Загреб. Лука Циндриќ ги брани боите на европскиот првак Барселона, додека Карачиќ и Алекс Душебајев со успех го носат дресот на Киелце.

Данил Шишкарев по заминувањето од Вардар се пресели во Веспрем, а моментно настапува во татковината, во дресот на ЦСКА Москва. Вуко Борозан важеше за голем талент, но кариерата по Вардар му тргна во надолна линија. Лани му пропадна трансферот во Загреб, а сега настапува во катарскиот клуб Ал Ахли.

Искусниот Жоан Канелјас се уште игра на високо ниво и е еден од лидерите на Кадетен Шафхаузен, додека десниот бек Македа со успех ги брани боите на Нант.

Специјалистот за одбрана Илија Абутовиќ настапуваше одлично во дресот на Рајн-Некар Левен, но последната сезона се пресели во Франција, како член на Шартр.

Листата на таа шампионска генерација од фајналфор турнирот во Келн во 2017 година ја заокружуваме со пикерите Мијајло Марсениќ и Рожерио Мораеш, Србинот игра во одлична форма за бундеслигашот Фуксе Берлин, додека бразилскиот репрезентативец по Вардар настапуваше за Веспрем и за Бенфика, за сега да ги брани боите на Мелсунген во Бундес-лигата.

На клупата седеше извонредниот Раул Гонзалес, популарниот „Ел Команданте“, кој во 2018 си замина од клупата на „црвено-црните“ и се пресели во ПСЖ, тим со кој доминира на француската ракометна сцена, но никако не успева да стигне до своето второ европско злато.

Се вчитува...