Кадетите против моќната Норвешка го почнуваат настапот на Светското првенство

Македонската кадетска ракометна репрезентација денеска против Норвешка од 17:30 часот го започнува својот настап на Светското првенство кое се одржува во Хрватска.

Уште на стартот од шампионатот силен предизвик за Раде Стојановиќ и неговите избраници против една од најсилните светски селекции. За македонската кадетска селекција ова е второ учество на еден Мундијал по 2019 година кое се одржа во нашата земја, а на кое „црвено-жолтите“ го освоија 13. место.

Македонија е дел од групата Ф која се игра во Ријека, Хрватска, покрај со Норвешка, и со селекциите на Црна Гора и Грузија. Во Главната фаза од натпреварувањето продолжуваат најдобрите две репрезентации од групата, а групата Ф вкрстува со групата Е во која се репрезентациите на Данска, Австрија, Чиле и Мексико.

Нашиот стручен штаб се соочи со сериозен проблем по повредата на Димитар Узунчев, единствениот класичен десен бек со што сериозно беа нарушени тактичките замисли во пресрет на овој шампионат, но тука се голманот Давид Брестовац, десното крило Александар Петковски како и централниот бек, Томислав Димковски, кои од ИХФ беа издвоени како клучни македонски играчи.

 

Се вчитува...