Кадетот Кизиќ блесна и на „големата сцена“

Кога млад играч ќе добие шанса, многу е тешко истата експресно максимално да се искористи и да се стави печат на натпревар – како доказ дека треба посериозно да се смета на тебе и на наредните средби. А токму тоа беше случај со Марко Кизиќ, младиот голман на Вардар кој блесна на мак-дербито во СЕХА-лигата против Металург.

Тренерот Парондо реши да му укаже шанса на 17-годишниот Кизиќ, а овој на најдобар можен начин ја оправда довербата, покажувајќи дека е талент што може одлично да брани и на „големата сцена“, откако минатото лето го чуваше голот на Македонија и на кадетскиот ЕХФ-шампионат во Грузија и на младинскиот шампионат во Скопје, каде беше втор голман, но добро си ја користеше минутажата што му се даваше.

„Беше договорено дека ќе почнам и секако дека се подготвував најдобро што знам. Никој не можеше да очекува дека ќе бранам на ова ниво, се што можев да сторам е да се подготвам и тоа ете вроди со плод. Секогаш кога играме со Металург е предизвик за нас. Шанса добивме ние помладите, се обидовме да прикажеме најдобро и на крај победивме“ – истакна Кизиќ.

Комплименти за младиот голман пристигнаа и од противничкиот табор, поточно од тренерот на Металург, Данило Брестовац, кој му е селектор на Кизиќ и во кадетската и во младинската репрезентација.

„Настапот на Кизиќ воопшто не ме изненадува, тој е многу талентиран голман кого во иднина го гледам како член на сениорската репрезентација. Секако, дотогаш треба да работи, тоа е долг процес, но Марко има капацитет за такво нешто. Тренерски беше добар потег да му се даде шанса бидејќи Кизиќ добро ги познава нашите ракометари, цело лето тренираше со нив во кадетската и во младинската репрезентација“ – изјави Брестовац.

Да не се заборави, Кизиќ во јануари ќе наполни 18 години… Одлично за него е што во моментов крај себе во Вардар го има Периќ за тренер, а во репрезентацијата Брестовац, и самиот поранешен голман. Има уште многу брусење за да стане „дијамант“, но со талент, желба за работа и вистински совети од вистински луѓе – ништо не е невозможно.

Се вчитува...