Каевски: Не сме се заканиле со укинување на фудбалот, АМС дава сугестии до ФФМ

Кога се избира нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија се тресе државата. И така е во Македонија одамна, државата сака да се меша и да сугерира при изборот, а тоа е најстрого забрането според статутите на УЕФА и на ФИФА. Во минатото бевме сведоци на „киднапирања“ на делегати во Струга во хотелот Дрим, сега Агенцијата за млади и спорт малку посуптилно испраќа соопштенија со кои сугерира како треба да делува ФФМ. Интересно, тоа се случува на само пет дена пред Изборното собрание на ФФМ кое е закажано за в недела.

АМС има свои сугестии и бара од Фудбалската федерација на Македонија да усогласи дел од статутот, што фамозно се (пре)усогласува милион пати, и тоа само пред драматичните собранија за избор на нов прв човек на македонскиот фудбал. Покрај препораките за усогласување на статутот на ФФМ со Законот за спорт, Агенцијата за млади и спорт се „дрзнува“ да соопшти и дека можно е да го укине решението за дејност спорт на Фудбалската федерација на Македонија.

Во превод, тоа значи дека ќе биде укинат фудбалот, дека ќе нема ниту фудбалска репрезентација на Македонија!

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, е на состанок во Брисел, но за ЕКИПА даде одговор за новонастаната ситуација, која непотребно политички се компликува на пет дена пред собранието.

„Не сме заканиле дека ќе го укинеме фудбалот, туку ако не го усогласат статутот со Законот за спорт може да им се одземе решението за дејност за спорт. Нашите сугестии се што побрзо да ги сменат одредбите кои не се во согласност со законот“, истакнува Дарко Каевски.

Јасна е пораката, испратена од позиција на политичка моќ. Може ли Агенцијата за млади и спорт да ја укине државната фудбалска репрезентација?! Ако го одземе решението за дејност за спорт на ФФМ, тоа автоматски значи и укинување на фудбалот и репрезентацијата. Ќе нема кој да го организира, или пак ќе формираат нова федерација која ќе работи според нечии други вкусови?!

Се вчитува...